На митингот во општина Чешиново – Облешево, пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, порача дека граѓаните на оваа општина заслужуваат подобро утре, со подобри комунални услуги, канализација, патишта и училишта.

-Овој собир е доказ дека нашата заедница е силна, обединета и решена да оди напред. Не сме тука само за убави зборови, туку да ја потврдиме нашата заедничка цел – да ја менуваме нашата општина и нашата Македонија, истакна Ковачки.

Тој нагласи дека локалната власт е првиот и најблискиот контакт на граѓаните со институциите, но дека за големи промени е потребна силна поддршка од Владата.

-Токму таква поддршка имаме денес од владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Владата и премиерот стојат зад општинските проекти, зад вашите идеи, зад секој чекор да направиме подобар живот овде во општина Чешиново – Облешево, рече Ковачки.

Тој додаде дека општините денес имаат вистински партнер во Владата и дека веќе се гледаат конкретни резултати – реконструирани улици, подобрена инфраструктура, поддршка за образованието и спортот, вложувања во младите и стопанството.

Ковачки нагласи дека за успех е неопходна и силна локална екипа, која ќе работи заедно. Тој го истакна значењето на градоначалникот Јорданчо Костадиновски, кој, како што рече, ќе биде секојдневно посветен на потребите на граѓаните, но и на советничката листа, која мора да работи обединето и одговорно за интересите на општината.