Ковачки посочи дека во изминатите години четири години Китански покажа дека не запоставува ниту едно населено место, градска или селска средина, туку напротив, постојано беше и е на терен со своите сограѓани за од прва рака да ги решава работите.
„И за тоа сме сите тука дојдени за поддршка на Александар и сите сме со една иста желба, да го видиме Пехчево како место каде вреди да се живее, да се работи и да се создава иднина! Не сме тука за лични интереси, за свои цели, туку за заедничкото добро, развој на нашето Пехчево. Затоа што Пехчево заслужува модерна инфраструктура, чисти улици, уредени села, сигурно водоснабдување, подобри училишта и услови за младите. Почитувани пехчевчани, ниту еден успех не доаѓа сам. Сè што се постигнува е резултат на соработка помеѓу граѓаните, општината, советот и владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски. Само кога сите работиме заедно, можеме да го постигнеме најдоброто за нашето Пехчево“, рече Ковачки.
Со оваа Влада, додаде Ковачки, предводена од премиерот Мицкоски гледаме конкретни резултати, нови улици, подобрени патишта, реконструирани училишта, инвестиции во младите и во спортот, а пензионерите, кои се темелот на нашето општество и на кои им ја должиме државата, ги добија ветените 5.000 денари кои премиерот ги вети во првата година од мандатот, а истите дополнително се зголемија за уште 1.000, а на пролет ќе се зголемат за нови илјада денари.
„Почитувани советници, Советот има клучна улога да биде партнер, поддршка и глас на народот. Пред вас ќе стојат нови проекти, нови предизвици и нови можности. Ако останеме обединети, со иста цел и љубов кон нашиот град, можеме да направиме уште повеќе. Пехчево има иднина кога секој жител верува во заедништво, кога секој дава свој придонес и кога сите чекориме во иста насока, за нашето место, за нашето маало. Да продолжиме со истата енергија, со истата верба и со истата љубов кон Пехчево и Македонија“, рече Ковачки обраќајќи се до идните советници во Светот на Општина Пехчево.