„И денеска сме во посета на делчевско во населените места Полето и Звегор. Она што можеме да го видиме и што е констатација од граѓаните, општ заклучок е дека граѓаните се разочарани од заборавеноста од централната власт која што воопшто не води сметка за граѓаните од овој регион“, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки при теренската активност „Ова е Македонија за сите“.

Ковачки додаде дека нема инфраструктурни вложувања, нема никакви инвестиции, нема проекти за делчевско.

„И додека нема проекти за овој регион, гледаме дека во западниот дел од државата власта се обидува да не убеди дека ќе градела автопати. Таа нема да гради туку таа ќе краде. Тоа е идејата на изградбата на Коридорите 8 и 10Д“, нагласи Ковачки.

Тој рече дека средствата само од еден километар автопат кој што е потребен за изградба на Коридорите 8 и 10Д би се насочил во регионот, а тоа се околу 20 милиони евра би се санирале најголем дел од локалните проблеми и тоа за цел Пијанец и за цела Малешевија.

„ВМРО-ДПМНЕ е помеѓу граѓаните, со народот и ги слушаме нивните предлози и нивните идеи. Ќе ги ставиме во идната програма и верувајте дека на овој крај треба да му се врати сјајот“, посочи тој.