Двајца пациенти починале од ковид-19 во период од 12 до 18 декември годинава, пишува во неделниот извештај кој Институтот за јавно здравје го објави денеска.

Од 2.911 направени тестови во акдедитираните лаборатории, откриени се нови 206 позитивни на ковид-19 за една недела. Според извештајот, секаде се бележи раст на заразените. Од 206 позитивни, 139 се регистрирани во Скопје.

Бројот на заразените во однос на минатата недела е зголемен за 12,8 отсто. Нови позитивни случаи има во 15 градови во државата, со зголемување од 59,7% во однос на минатата недела. Процентот на позитивност се движи од 4,6% до 9,0%, просечно 6,8%.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи, со најголем број на случаи пријавени кај возрасната група над 60 години (47,6%). Се забележува зголемување кај возрасните групи од 20-29 години (3,5 пати), 50-59 години (2,7 пати), 30-39 години (85,7%) и кај групата над 60 години за 53,1% повеќе во однос на претходната недела.

Кај возрасните групи од 0-9 години и 10-19 години нема промена на бројот на случаи, додека кај возрасната група од 40- 49 години се забележува намалување од 23,1% во однос на претходната недела.

Во текот на минатата недела пријавени се 58 реинфекции, за 52,6% повеќе во однос на претходната недела.

Од почетокот на пандемијата во март 2020 година досега во Македонија со ковид-19 се заразиле 345.402 лица, а починаа 9.608 пациенти.