Зоолошката градина во Љубљана која речиси два месеца беше затворена поради епидемијата на новиот коронавирус од утрово повторно ги отвори вратите за посетителите.

Како што јави дописникот на МИА од Љубљана, таа ќе биде отворена од девет до 19 часот, а посетителите ќе треба да ги почитуваат сите препораки за да се намалат шансите за зараза со Ковид-19.

Управата на Зоолошката градина соопшти дека пред билетарницата мора да има два метри растојание меѓу луѓето кои чекаат, а истото важи и за пред тоалетите и продавниците, што се во самата градина.

Дополнително на повеќе места се поставени и гелови за дезинфекција на раце кои посетителите се должни да ги употребуваат.

Некои делови во зоолошката градината каде е можно на мал простор да се соберат многу луѓе остануваат затворени, а како ќе бидат и тие отворени дополнително ќе се одлучи.