Бројот на активни ковид случаи во земјава, според извештајот на Институтот за јавно здравје објавен вчера, изнесува 5.821, а од направените 3.285 тестирања, регистрирани се 419 нови случаи, осум починати и 211 оздравени пациенти.
Надлежните и натаму апелираат граѓаните да се вакцинираат, бидејќи, како што посочуваат, само така ќе се дојде до колективен имунитет и ќе спречи ширење на мутации на СарсКоВ2.
Досега во земјава не е регистриран случај со Омикрон сојот на Ковид-19. Се уште доминантен е Делта сојот, како кај нас, така и во дел од државите во регионот.
– Европа бележи пад на бројот на болни и новозаразени со коронавирусот, соопшти синоќа Светската здравствена организација за европскиот регион.
Здравствената агенција на Обединетите нации соопшти дека податоците на Европскиот центар за контрола и превенција на болести покажале дека во 18 земји од Европската унија се регистрирани 212 случаи на Омикрон, и тоа претежно благи и асимптоматски случаи.
Сепак, СЗО предупреди дека се верува оти Омикрон ќе продолжи да се шири, бидејќи пристигнуваат нови податоци за размерите на сојот.
Во претходните седум дена, бројот на нови случаи во Европа се намали за два отсто (2,6 милиони случаи), додека три отсто помалку пациенти починале во споредба со претходната недела (29.000 луѓе).
Во неделниот епидемиолошки билтен на СЗО се посочува дека од 7 декември 2021 година, Омикрон варијанта на коронавирусот е потврдена во 57 земји. Неговото присуство е забележано во сите шест региони на СЗО.
Експертите посочија на фактот дека бројот на откриени случаи на коронавирус во моментов рапидно расте во Јужна Африка. Иако причините за ова зголемување сè уште не се познати, тие велат дека ширењето на Омикрон во регионот е „веројатно“, а зголеменото тестирање на населението за ковид одигра улога, бидејќи сојот беше класифициран од СЗО како заканувачка варијанта.
Организацијата нагласува дека „прелиминарните анализи покажуваат дека мутациите во Омикрон варијантата можат да ја намалат неутрализирачката активност на антителата, што доведува до намалена имунолошка заштита“. СЗО верува дека ова е можеби објаснувањето „зошто оваа варијанта се чини дека брзо се шири меѓу високо имунизираните популации, како што е случајот во ЈАР“.
Според СЗО, потребни се повеќе податоци за да се процени ефекасноста на вакцините против сојот Омикрон.
– Потребни се повеќе податоци за да се процени дали мутациите својствени на варијантата Омикрон може да доведат до намалена имунолошка заштита од вакцините, велат експертите. Според нив, потребни се повеќе „податоци за ефикасноста на вакцините, вклучително и употребата на дополнителни дози“.
Во извештајот се нагласува дека „СЗО ќе продолжи да работи со своите партнери за следење и оценување на овие податоци веднаш штом ќе станат достапни“.
Компанијата „Фајзер“, пак, вчера соопшти дека засилувачката доза на нејзината анти-ковид вакцина може да заштити од Омикрон, новата варијанта на коронавирусот, иако првите две дози се чини дека се значително помалку ефикасни.
„Фајзер“ и неговиот партнер „Бионтек“ соопштија дека лабораториските тестови покажуваат дека бустер дозата ги зголемува таканаречените неутрализирачки антитела против Омикрон за 25 пати.
Компанијата „Фајзер“ објави прелиминарни лабораториски податоци во соопштение за печат, но тие сè уште не поминале научен тест. Компаниите веќе работат на правење вакцина против Омикрон во случај да има потреба.
Научниците шпекулираат дека високиот скок на антителата што се појавуваат со третата доза на анти-ковид вакцини може да биде доволен за да се спротивстави на секакво намалување на ефективноста на вакцините.
Нивото на антитела покажува колку добро вакцината може да спречи инфекција со коронавирус, но тие претставуваат само еден слој од одбраната на имунолошкиот систем. Од „Фајзер“ соопштија дека две дози вакцини сè уште можат да создадат заштита од тешка форма на болеста.
– Иако две дози вакцина може да обезбедат заштита од тешка форма на болеста предизвикана од сојот Омикрон, од овие прелиминарни податоци е јасно дека заштитата е максимизирана со третата доза од нашата вакцина, рече извршниот директор на „Фајзер“, Алберт Бурла во соопштението.
Вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 218.194, бројот на оздравени пациенти е 204.685, а на починати е 7.688.