Одлуката на косовската Влада да и плати 53 милиони евра на фирмата „Бехтел Енка“ на име на пенали за наводно доцнење на обврските на претходната Влада за извршување на обврските кон изведувачот на работите на автопатот Приштина – Скопје, остава многу сомнежи дека се работи за коруптивна зделка меѓу Кабинетот на Рамуш Харадинај и конзорциумот што го гради автопатот, сметаат претставници на опозицијата, но и владејачки субјекти во Косово.
Како што јави МИА од Приштина, екс-парламентарниот спикер и актуелен претседател на Управниот совет на една од владејачките партии, Иницијатива за Косово (Нисма), Јакуп Красниќи, смета дека со оваа одлука на Харадинај, треба да се позанимава Специјалното обивинителство за организиран криминал.
Според Красниќи, Владата ја „почестила“ „Бехтел Енка“ со 53 милиони евра, без да објасни како се дошло до таа сума, односно „како Владата успеала од наводните 63 да го намали долгот на 53 милиони евра?“.
– Кој и како дојде до таа сума?… Толку евтини биле „Бехтел-Енка“ (за да ја намалат сумата што ја побаруваат за 10 милиони евра)?, праша Красниќи на Фејсбук, порачувајќи дека другите прашања треба да ги постави Специјалното државно обнинителство. – Се разбира ако нема по битни работи, смета Красниќи.
По вчерашната одлука на Владата на Харадинај за „обесштетување“ на изведувачот на работите на автопатот Приштина-Скопје, реагираше и најголемата опозициона партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), преку нејзиниот пратеник Љумир Абдиџику, кој споменатата владина одлука ја оцени како „модерен грабеж“.
– Овие ти крадат 53 милиони евра и ти го „продаваат“ грабежот како спас. Еден модерен грабеж, напиша Абдиџику на Фејсбук.
Владата на Харадинај вчера донесе одлука да го обештети конзорциумот кој го гради автопатот Приштина-Скопје со 53 милиони евра, со образложение дека претрпел штети од ненавремено плаќање на обврските кон фирмата од страна на претходната Влада.
Министерот за инфраструктура Паљ Лекај рече дека „Бехтел Енка“ побарувала вкупно 63 милиони евра обештетуавње, ама Владата успеала да се „испазари“ за 10 милиони помалку.