Кремљ денеска објави дека милијардата долари, кои наводно Вашингтон ги испратил во Украина преку Светската банка, а кои биле покриени со профит од замрзнати руски средства, претставуваат еден вид кражба.

„Овие пари ни се украдени. И тие резерви што се блокирани, тие се блокирани и апсолутно незаконски. Ова е спротивно на сите норми и правила“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Тој предупреди дека таквите акции на САД може да доведат до правни дејства од страна на Русија, која, како што рече, ќе ја искористи секоја можност да ги заштити своите права, но и сопственичките, пренесува „Ројтерс“.

Украинскиот премиер Денис Шмихал во вторникот објави дека земјата добила милијарда долари од САД од замрзнатите руски средства и дека ова е воедно првиот дел од 20 милијарди долари што Вашингтон му ги ветил на Киев, пренесува „Танјуг“.

Во посебна изјава Шмихал рече дека Киев добил и една милијарда долари од Велика Британија и Јапонија, а таа транша е доделена под гаранции на владите на овие земји во рамките на програмата DPL на Светската банка.