Рускиот претседател Владимир Путин потпиша законот со кој се прекинува примената на Договорот за нуклеарни сили со среден дострел (ИНФ) од периодот на Студената војна.
Законот, кој е усвоен во Долниот дом на рускиот Парламент на 18 јуни, а Горниот дом го усвои на 26 јуни, е објавен на официјалната страница за правни информации.
Во него се наведува и дека шефот на државата ќе одлучува за обновување на примената на Договорот.
Путин во февруари оваа година најави дека ќе го прекине учеството на Русија во Договорот по ненадејната одлука на САД да се повлечат од Договорот.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп во октомври минатата година соопшти дека САД ќе се повлечат од Договорот, кој беше камен темелник за европската безбедност од потпишувањето во 1987 година.
Москва подоцна вети соодветен одговор на одлуката на Вашингтон и најави дека ќе го суспендира своето учество во Договорот.