Кремљ денеска соопшти дека не го поддржува либискиот воен командант Калифа Хафтар, кој им нареди на своите сили да тргнат кон главниот град Триполи, додека ЕУ повика на смирување и предупреди дека состојбата може да излезе од контрола.
Портпаролот на рускиот претседател Владимир Путин, Дмитриј Песков, нагласи дека треба да се избегнат акции што би довеле до продолжување на крвопролевањето.
Тој изјави дека е потребно да се вложи секој можен напор за да се постигне решение во Либија со мирни дипломатски средства.
На прашањето дали Русија го поддржува Хафтар, Песков истакна дека Москва на ниту еден начин не е вклучена во тоа.
Портпаролката на Европската комисија, Маја Кочијанчиќ изјави дека ЕУ е многу загрижена поради трупањето војска во Либија што е во тек и ескалацијата на реториката со што сериозно се ризикува да дојде до неконтролиран судир.
Кочијанчиќ рече дека ЕУ ги повикува „сите страни веднаш да ја деескалираат состојбата и да ги прекинат сите провокативни акции“.
Лидерот на меѓународно непризнатата администрација во Либија и командант на милутантна група Либиска национална армија, Хафтар вчера им нареди на своите трупи да тргнат кон главниот град Триполи, која е под контрола на силите лојални на легитмната Влада на национално единство на премиерот Фајез Сераџ.
Хафтар го објави повикот во видео наречено „Операција за ослободување на Триполи“.
Либија од соборувањето од власта и свирепото убиство на лидерот Моамер Гадафи е поделена на територии под контрола на меѓународно признатата Влада на Сераџ во Триполи и паралелна администрација лојална на Хафтар.