Кремљ со реакција на снимката со отсекување на главата на украински војник

/ 12.04.2023

Кремљ вели дека видеото што се појавило на интернет на кое наводно се гледа обезглавувањето на заробениот украински војник е „ужасно“.

Москва, исто така, повика да се потврди автентичноста на видеото.

Да потсетиме, минатата недела на социјалните мрежи се појавија две видеа на кои наводно се гледаат обезглавени украински војници. Се чини дека снимката прикажува два различни настани – едниот е направен неодамна, додека другиот, врз основа на количеството лисја што се гледаат на земјата, изгледа како да е снимен во текот на летото, пишува CNN.

Првата снимка, која беше објавена на 8 април на проруски канал на социјалните мрежи, наводно е снимена од руски платеници од групата Вагнер, а на неа се гледаат обезглавени тела на двајца украински војници кои лежат на земја покрај уништено воено возило. На видеото се слуша глас на војник, кој е изменет за да се спречи идентификација.

„Оклопното возило е зае**но од мина“, вели глас од руски јазик. Очигледно мислејќи на телата на земја, гласот, смеејќи се, продолжува: „Ги убиле. Некој им пријде. Тие дојдоа до нив и им ги отсекоа главите“. Според видеото се чини дека на загинатите војници им биле отсечени и рацете.

На руските профили на социјалните мрежи пишува дека видеото е снимено во близина на Бахмут во источна Украина, каде што многу месеци се случуваат најжестоките борби во војната, во кои активно се вклучени борците на Вагнер. Локацијата на видеото не е независно потврдена.

Другото видео, кое е објавено на Твитер и е многу матно, изгледа како да е снимено во текот на летото поради количеството лисја на земјата, пишува Си-Ен-Ен. Наводно се гледа како руски борец користи нож за да обезглави украински војник. Гласот на почетокот на видеото сугерира дека жртвата можеби била жива кога започнал дивеењето.

Набргу откако се појавија видеата, Андриј Јермак, главен советник на украинскиот претседател Володимир Зеленски, на Твитер напиша: „Ќе одговараат за сè“.

Во понеделникот, Институтот за проучување на војната (ISW) објави дека Вагнер „наводно продолжува да врши воени злосторства со обезглавување на украинските војници во Бахмут“, повикувајќи се на фотографијата споделена на проруските социјални мрежи на која се гледа глава поставена на шилец. ISW тврди дека и во овој случај се работи за украински војник.

ISW објави слични инциденти во Попасна, во регионот Луганск, каде што трупите на Вагнер исто така оперираа порано во војната.

Некои проруски канали на социјалните медиуми сугерираат дека украинските сили се одговорни за обезглавувањето во обид да ја сокријат идентификацијата. Шефот на Вагнер, Евгениј Пригожин, даде слично тврдење во јануари, откако неговите борци објавија дека пронашле тела со отсечени раце и глави во близина на Бахмут.


Од истата категорија