Откако српското МВР денеска соопшти дека поради „безбедносни причини“ ја забранува протестната прошетка на ЛГБТ-активистите, најавена за сабота во рамките на манифестацијата „Европрајд“, меѓу првите од странските претставници се огласи амбасадорот на САД во Србија, Кристофер Хил. Тој вели дека е сигурен дека парадата во сабота „ќе функционира“, а со слични изјави се јавија и амбасадорите на други западни земји во Белград.
„Сигурен сум дека Парадата во сабота ќе функционира, бидејќи многу луѓе работеа на тоа“, изјави денеска Хил.
„Мораме да ја ставиме љубовта во центарот на ова прашање“, рече амбасадорот, кој додаде дека би сакал неговата земја да ги имаше решено сите проблеми по прашањето, но дека не е така и дека и на Американците им претстои уште многу работа.
Хил го пофали говорот на српската премиерка Ана Брнабиќ на отворањето на „Европрајдот“, иако дел од ЛГБТ-активистите ја прекинуваа Брнабиќ додека зборуваше, со повици дека сакаат прошетка и дека не им требаат флоскули, туку конкретни одговори.
И амбасадорите на Франција (Пјер Кошар), Шведска (Аника Бен Давид) и Норвешка (Еуген Јелста) попладнево напишаа пораки на поддршка до ЛГБТ-активистите, посочувајќи дека „Нема „Европрајд“ без прошетка“, пренесуваат српските медиуми.