Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје како неосновано го одби барањето на поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, да му биде вратен пасошот. Мијалков го бараше пасошот назад со образложение дека има потреба од оперативен зафат кој треба да му биде извршен во странство.
-Барањето на еден од осудените лица со првостепена пресуда во предметот со КОК бр. 62/17 од обвинителството означен како „Титаник 2“, за укинување на мерката за претпазливост – привремено одземање на патната или друга исправа за преминување на државната граница и забрана за издавање нова, ја информираме јавноста дека Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје по добивање на целокупната документација поврзана со барањето согласно Законските одредби се обрати до надлежното обвинителство од каде е добиено негативно мислење во однос на барањето, соопшти Судот.
Советот на одржана седница по разгледување и ценење на барањето и мислењето на надлежното обвинителство донесел решение со кое барањето го одби како неосновано.
Против ова решение, како што велат од Основен кривичен суд – Скопје, странките имаат право на жалба до Апелациониот суд во рок од три дена.
Во првостепената пресудата за предметот „Титаник 2“ поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков е осуден на 3 години затвор, Мендух Тачи – на 3 години и 2 месеци, Бедредин Ибраими – на 4 години и 6 месеци, Влатко Сајковски – 3 години, Сашо Срцев – на 3 години и Елизабета Стефановска – на 3 години затвор. Судот го прифати барањето на СЈО и им определи притвор на Сашо Мијалков и на Бедредин Ибраими, а останатите четворица осудени добија мерки за претпазливост.