Обвинети за настаните во Собранието од 27 април минатата година од вчера почнале да доставуваат барања за амнестија до скопскиот Кривичен суд, потврдија од Судот.
Барањата обвинетите можат да ги доставуваат до Судот лично и по пошта.
Законот за амнестија завчера беше објавен во Службен весник на Република Македонија, откако на него беше ставен потпис од претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов.
Македонското Собрание на 18-ти овој месец по скратена постапка со 95 гласа „за“, без против и воздржани го донесе Законот за амнестија за настаните во Собранието од 27 април минатата година.
Согласно Законот, амнестијата нема да ги опфати организаторите, лицата кои извршиле физичко насилство, кои носеле оружје, како и службените лица кои ги пречекорите службените овластувања.
Секој од обвинетите за „27 април“ има право да поднесе барање за амнестија, ако смета дека ги исполнува условите пропишани со Законот.
Осомничените, обвинетите или осудените сами ќе треба да побараат амнестија во рок од пет дена, односно до вторник, а Судот и Обвинителството ќе имаат рок исто така од пет дена за да одговорат кој ќе биде помилуван, а кој не.
За случувањата во Собранието на 27 април 2017 година обвинети се вкупно 33 лица, од кои 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок на државата и двајца за поттикнување.