Одбраната и обвинетите во случајот „Организатори на 27 април“ денеска во Основниот кривичен суд во Скопје треба да ги дадат завршните зборови.
Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, поранешните министри за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.
Кривичниот совет за овој случај го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.
Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Рускоска, во своите завршни зборови рече дека обвинетите знаеле точно што прават и фрлиле се на една карта со единствена цел да се спречи формирање на влада од веќе обезбеденото парламентарно мнозинство.
Судскиот процес за организаторите на насилствата од 27 април во Собранието започна на 21 февруари 2020 година.
Обвинителниот акт ОЈО за гонење организиран криминал и корупција до Кривичниот суд го поднесе на 31 мај 2019 година, а беше прифатен во 31 јануари 2020 година.
Во истрагата беа опфатени и поранешниот премиер Никола Груевски и ексразузнавачот Никола Бошковски, но постапката за нив е запрена додека не станат достапни на органите на прогон.