Судија од Основниот суд Скопје 1 денеска во КПУ „Скопје“ разговарал со обвинетите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски кои вчера беа физички нападнати во затворот.
Констатирано е дека денеска состојбата во затворот е мирна, без нарушување на редот и мирот и оти сите активности на притворените лица се одвиваат непречено.
Обвинетиот Јанакиески пред судијата изјавил дека се здобил со повреди по што бил пренесен во Градската општа болница „8 Септември“ каде му е укажана лекарска помош и му е дадена терапија.
– Притворените во установата не навеле други забелешки кои се во надлежност на судот, но и покрај тоа Основниот суд Скопје 1 – Скопје препорачува на управата на установата да ги преземе сите мерки за расчистување на случајот и да направи ревизија на распоредите за прошетки на свеж воздух на притворените лица со што во иднина нема да овозможи лицата кои учествувале во вчерашниот инцидент повеќе да не се среќаваат во дворот на затворот, се наведува во соопштението од Основниот суд Скопје 1.
Од судот информираат дека ќе побараат од Управата за извршување на санкции да изврши анализа и да предложи други казнено-поправни установи кои имаат соодветни услови за одредени притвореници кои сметаат дека не се безбедни во затворот, да бидат префрлени во тие установи