Државниот инспекторат за труд утврди неправилности кај фармата во Амзабегово, светиниколско каде на 8 јануари на лице место од труење од хемиска супстанца почина 45-годишен работник, а неговиот 53-годишен колега, кој притрчал да му помогне е со оштетување на мозокот.

Во соопштението се вели дека трагедијата се случила кај шахта од отворен тип која се наоѓа на отворен простор до Лагуната и Хала 1 во состав на фармата и е дел од систем за добивање и пренос на течно ѓубриво за земјоделски потреби.

Вонредните инспекциски контроли за почитување на прописите од областа на безбедност и здравје при работа и работните односи утврдиле дека не се превземени соодветни мерки.

-Работодавачот дозволил пристап на ангажираните работници О.Т. и С.Ј. на работни места на кои биле изложени на сериозни и специфични опасности, а притоа не добиле посебни упатства за работа, во работниот простор не биле поставени знаци за опасност, предупредување и знаци за задолжително однесување

-Работодавачот не изготвил и спровел изјава за безбедност со спроведување на постапка за Проценка на ризик на работните место помошник мајстор на кое работел сега починатиот работник О.Т. и на работното место општ работник на кое работел повредениот работник С.Ј.

-Работодавачот не обезбедил соодветна обука од областа на безбедност и здравје при работа врз основа на програма за специфичноста на работните места помошник мајстор и општ работник

– Работодавачот не обезбедил соодветна лична заштитна опрема за двајцата повредени работници

-Врз основа на утврдената фактичка состојба од страна на Државните инспектори за труд ке биде поднесена кривична пријава до надлежното Основно јавно обвинителство за понатамошно постапување, се вели во соопштението.