Кризниот штаб на Пехчево синоќа одржа седница на која, како што информира директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов, е договорено за гаснење на пожарот рано наутро со дејство да започнат два полициски хеликоптери. Во гаснење на пожарот ќе учествуваат и пожарникари од околните градови, Национални шуми и ДЗС.
-Помалиот хеликоптер ќе полни вода од специјално за таа намена наместен базен на стадионот во Пехчево, а големиот МИ 171 со ведро од 2,5 тона ќе полни од 25 тонски базен со вида на приватна фирма која стопанисува со плантажа со лешници. Од земја ќе гаснат пожарникари од Берово, Виница, Кочани, Кавадарци како и вработени од Национални Шуми и тим од Дирекцијата за заштита и спасување, информира Ангелов.
По пожарот кој вчера попладне повторно избувна во Пехчево, градоначалникот Александар Китански вечерва излезе со соопштение од Кризниот Штаб со кое апелира сите доброволци да се вклучат во гаснењето на пожарот.
-Почитувани граѓани пожарите во Пехчево се се уште активни! Сите доброволци за гасење на пожарот во Пехчево да бидат на зборно место плоштад свети Петар и Павле со себе да понесат лопати, истакна Китански во пренесениот апел од Кризниот Штаб
Најстрого, како што додаде, се забранува самоиницијативно одење да се гаси пожарот.
Пожарот денеска попладне избувна кај месноста Јудови Ливади, а истиот како што информираа медиумите е забележлив и од бугарска страна. На терен попладнето излегоа екипи на ДПД „Пехчево“, вработени во ТППЕ Берово, ЈПШС „Равна Река” Пехчево.
ФОТО: МИА Архива