Над девет илјади евра е проценетата штета што пратеникот од Левица, Борислав Крмов, ќе треба да ја плати откако пред една недела искрши дел од инвентарот во пленарната сала кога на седницата требаше да се гласа новиот Деловник на Собранието. Проценетата штета денеска ја соопшти претседателот на Собранието Талат Џафери на средба на новинарите откако беше прашан дали за овој инцидент некој ќе биде казнет.
„Има правни процедури за секое дејство. Штетата ќе се компензира од страна на чинителот на таа штета. Додека сме во Собранието, ние сме во работен однос и важи законот за работни односи“,рече Џафери.
Џафери објасни дека Крмов не може да се повика на пратеничкиот имунитет бидејќи тоа може да го направи само за искажан збор од говорница.
На прашањето што доколку Крмов не сака да ја плати штетата, Џафери повтори дека постојат правни процедури кои ќе се следуваат.
Од Левица пак во телефонски разговор велат дека ова е преголема сума и најавуваат контра вештачење, но и тужба против Џафери, објави ТВ 24.
Минатиот понеделник, револтиран од тоа што Собранието ги отфрли амандманите на Левица поднесени во однос на измените на Деловникот, пратеникот Борислав Крмов, барајќи да се прекине седницата, го искрши мониторот од компјутерот на пултот на кој седеше потпретседателот Горан Мисовски, кој ја водеше седницата, а ги откорна микрофоните и ги расфрли сите хартии околу говорницата во Собранието. Набргу му се придружи и лидерот на Левица и пратеник Димитар Апасиев, по што Мисовски даде половина час пауза.
Пратеникот од Левица, Борислав Крмов, во телевизиско гостување, рече дека сметката може да му биде пратена и оти тој ќе ја плати, но според него штетата од процесот со кој се укина парламентарна демократија е неповратна.