Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи денеска во Битола потпиша нов договор за државна помош со „Кромберг и Шуберт“ која е според Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Во изјава за медиумите, вицепремиерот Битиќи истакна дека станува збор за трет договор кој го потпишуваат со „Кромберг и Шуберт“ и како што рече производствените капацитети на инвестициите и бројот на вработени во оваа компанија во нашата земја продолжува да расте.
-Денешната дата всушност се поклопува со многу добар датум, а тоа е датата на отворање на оваа фабрика овде пред 10-ина години во индустриската зона „Жабени“ која денеска брои над 5.300 вработени. Новата инвестиција за која денеска го потпишавме договорот за финансиска поддршка е во вредност од 25 милиони 760 илјади евра и ќе креира нови 1.230 вработувања во следните три години, и предвидува проширување не само на постојните и отворање на нови производни линии со кои ќе се произведуваат делови за „ауди 4“, новиот модел „ауди А6“, рече Битиќи.
Според вицепремиерот, компанијата „Кромберг и Шуберт“ има исклучителна важност за развојот на пелагонискиот регион.