Денес Росоман повторно покажува дека не се плаши од промени, дека знае да се бори за својата иднина. Во првиот круг ја видовме силата на народот со јасна порака: Росоман сака промени! Росоман сака работа и резултати, вели кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ за општина Росоман, Ѓорѓи Крстевски на денешниот настан во општина Росоман, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!, во рамките на изборната кампања за вториот круг од локалните избори кои ќе се одржат 2 ноември.
Крстевски посочи дека тие што со години владееле со лаги, со притисоци и со страв нека знаат дека времето им завршува, дека народот се буди и не се заплашува, а кога Росоман ќе се разбуди, тогаш нема сила што може да го запре.
Понатаму, Крстевски додаде дека во вториот круг нема калкулации и дека има само две страни, едната на страната на народот, а другата на страната на корупцијата, на страната на иднината, или на страната на минатото.
Ние стоиме со народот, вели Крстевски и затоа, пред сите вас, ветувам дека во наредниот период ќе реализираме проекти што ќе ја променат општината.
-Заедно со градоначалникот Митко Јанчев и општина Кавадарци, ќе воведеме годишна карта за Паркинг од 800 денари за сите жители на општина Росоман и бесплатен превоз за сите пензионери кои ќе го користат Јавниот превоз. Ќе обезбедиме храна за дечињата во основното училиште, а не како сега во спотови. Ќе се обезбедат бесплатни униформи а не како до сега родителите да бидат изложени на дополнителни трошоци притиснати од раководството на општината. Заедно со АД Водостопанство ќе отвориме подрачна канцеларија во Росоман, ќе се воспостави кол центар 24/7 каде граѓаните ќе ги пријават своите проблемите, а за сите семејства од социјален ризик ќе воведеме бесплатна градинка, рече Крстевски.
Додаде дека заедно со Владата и министерството за транспорт и врски, се обврзуваме дека ќе ја направиме клучката и долгоочекуваниот проблем во Сирково, конечно да се реши.
-Ова не се само ветувања ова се конкретни дела што ќе ги почувствува секое семејство, секој земјоделец, секој млад човек што сака да остане во Росоман. Ќе изградиме општина која ќе биде пример за чесност, работа и одговорност. Ќе ставиме крај на расипништвото, на поделбите, на стравот. Ќе покажеме дека кога народот се обединува, нема сила што може да го победи, истакна Крстевски.
Крстевски повика на 2 ноември да се излезе масовно на гласање и да се заокружи бројот 9, за да покаже Росоман дека избира иднина, не минато, а со тоа ќе се покаже дека народот е посилен од партиските вработувања, од притисоците и од лагите.




