Во градскиот парк во Крушево се одржа првиот Фестивал на храната во организација на крушевското средно училиште „Наум Наумовски Борче“.
Околу 30 учесници, ученици во туристичко-угостителските насоки од училиштата од Крушево, Тетово, Штип, Кратово, од Скопје и Гевгелија, потоа гости-учесници од средното училиште од збратимениот град Печуј од Унгарија и учесници од Факултетот за туризам при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип ја покажаа умешноста во приготвувањето на традиционалните јадења од својот крај, но мораа да приготват и по еден крушевски специјалитет.
Присутните имаа прилика да ги вкусат јадењата, а посебна комисија ги оцени гурманските квалитети на приготвените јадења. Сите учесници добија благодарници, а првото место го освоија учесниците од средното училиште „Коле Нехтенин“ од Штип. Се оценуваа само крушевските јадења.
Според Љупчо Крстевски, професор по агенциско работење и практична настава по гастрономија во крушевското средно училиште „Наум Наумоски Борче“ намерата е фестивалот да прерасне во традиционален и меѓународен.
– Учесниците одлично се покажаа во приготвувањето јадења. Целта ни е да ги промовираме умешностите на учениците и на училиштата, развој на туризмот и на угостителството, а од в година Фестивалот ќе прерасне во меѓународен, рече Крстевски.