Конфедерацијата на слободни синдикати денеска на првата прес-конференција годинава ги повтори барањата за усогласување на платите со минималната плата и за исплата на К-15 во јавниот сектор.
КСС повторија уште еднаш дека се и против трансферот на вработените од јавниот во приватниот сектор.
Претседателот на КСС Благоја Ралповски рече дека нивните барања се уште не се исполнети иако се поминати една година од протестот одржан во Скопје на 17 јануари минатата година и еден месец од последниот протест.
Според Ралповски, јавната администрација е дискриминирана и станува социјална категорија бидејќи просечната плата во јавниот сектор е 18 илјади денари.
– Кога од овие 18 илјади ќе ги одземете храната и превозот, тогаш јавната администрација станува социјална категорија со социјални примања, рече Ралповски.
Од КСС посочуваат дека нивните барања се легитимни и во согласно со законите. Доколку не им се исполнат, најавуваат нов протест на 26 јануари во Штип.
Во однос на барањето на Синдикатот на УПОЗ за седумчасовно работно време и прогласување на 2 јануари и 2 мај за неработни денови, од КСС го поздравуваат ваквото барање, но сметаат дека во моментот има поприоритетни прашања од областа на работните права што треба да се решават.