Пратениците во кубанскиот парламент изгласаа нов устав од кој е исфрлен зборот „комунизам“ и се признава приватната сопственост. Комунистичката партија сега ќе воведува социјализам.
Нацрт-предлогот кој во неделата го изгласаа пратениците во Хавана за првпат вклучува членови кои јасно го дефинираат концептот на приватна сопственост и ги опишуваат странските инвестици како важни за економскиот развој.
Според документот, идниот претседател ќе биде ограничен на два мандати, а функцијата „Претседател на републиката“ ќе биде одвоена од Претседателот на државниот совет. Со новиот Устав се формира функцијата премиер, за првпат од 1976 година.
Владата, исто така, сака да направи промени во планската економија од советски тип, за да создаде „успешен и одржлив” социјализам.
Од 13 август до 15 ноември предлогот ќе биде предмет на јавна расправа, во која, според властите, ќе учествуваат милиони Кубанци.
Потоа тој ќе биде вратен за доработка во парламентот, а потоа граѓаните ќе треба да се произнесат на референдум, кој се очекува да биде спроведен до крајот на годината.