Македонија може да добие датум за преговори за членство во Европската Унија на есен, додека ова сценарио е помалку реалистично за Албанија, изјави поранешниот европратеник Едуард Кукан, кој претседаваше со Работната група за Западен Балкан за време на неговиот мандат.
Во интервју за Словачката асоцијација за надворешна политика (СФПА), Кукан појасни дека Македонија со години ги исполнува критериумите за членство во ЕУ, но Унијата го одложуваше отворањето на преговорите, што за него претставува „апсолутно срамно и демотивирачки“.
– На С. Македонија може да и се додели конкретен датум на Европскиот Самит на есен, што јас го сметам за реално, вели Кукан, додавајќи дека додека францускиот претседател Емануел Макрон имаше многу категоричен став за ова прашање, се чини дека веќе почнал да попушта.
Од друга страна, посочувајќи дека Тирана чека ист таков чекор, Кукан верува дека ситуацијата во Албанија е сосема поинаква.
– Тие треба да имплементираат големи судски реформи, опозицијата го бојкотира Парламентот, и над се, Албанците не можат да најдат компромиси, истакна поранешниот европратеник Кукан.
Според него, нереално е засега Албанија да добие датум за преговори.