КУЛТОТ НА СВ. ВМЧ. КНЕЗ ЈОВАН ВЛАДИМИР ВО ЗАПАДНА МАКЕДОНИЈА: Над гробот ноќе се гледала Божествена светлина како да горат безброј свеќи

/ 04.06.2020

Светиот великомаченик кнезот Јован Владимир, зетот на царот Самоил за ќерка му Косара, се здобил со силен култ во западна Македонија.

На иконите и фреските во нашите цркви е насликан како главата си ја држи во рацете.

Во традицијата на југозападниот регион на Македонија во минатото бил развиен култот кон Светиот великомаченик кнезот Јован Владимир. Тој бил кнез на областите Зета и Далмација, во еден период влегол во судир со царот Самуил при што бил заробен.

Додека бил во затвор во него се вљубила ќерката на Самуил, Теодора Косара, по што бил оженет со неа и вратен на престолот. Но подоцна, починал царот Самуил, на 6 октомври 1014 година, а царскиот престол го наследил син му Гаврил Радомир. Но, неговиот братучед Иван Владислав, (син на Арон, братот на Самуил), со поддршка на византиското раководство и со измама го убил и му го презел престолот.

Плашејќи се од освета на Јован Владимир, но и од неговото легитимно право на наследство, Иван Владислав решил да го ликвидира. Преку охридскиот архиепископ Давид го поканил божем на договор. Јован Владимир му поверувал на црковното лице, но веднаш по доаѓањето бил пречекан од убиец со наострен меч.

Во неговото житие се вели дека бидејќи тој не можел да го пресече Јован Владимир му го понудил својот меч велејќи му: „Сакаш да ме убиеш, брате, но не можеш. Еве ти го мојот меч! Готов сум да бидам убиен, како Исак и Авел!“ Потоа злосторникот му ја пресекол главата, но тогаш се случило чудо. Тој со главата во рацете потрчал кон блиската црква во која паднал и ја предал душата на Бога.

Тоа се случило на 22 мај (с.с.) 1016 година во Преспа. Неговата сопруга го однесла во неговата земја, го погребала во црквата во која и таа го завршила животот во пост и молитви. Од моштите на светецот течело миро, се случувале чуда и се лекувале болни.

Според некои преданија моштите на светецот се наоѓаат во Елбасан (Албанија).

Култот кон свети Јован Владимир бил силен и во Охридско. Во составот на манастирот „Свети Наум Охридски ‒ Чудотворец“ имало камбанарија што го носела името на свети Јован Владимир. Според преданието дел од моштите на свети Јован Владимир тука биле донесени од Елбасан. Народот ги бакнувал, а потоа биле заѕидани во темелот на црквата.

Ликот на свети Јован Владимир е многу присутен во охридскиот живопис. Насликан е со светите Седмомисленици, потоа со св. Марена и сл.

Поради силниот култ во Охридско се раскажувале многу преданија за овој светител. Во преданијата се вели дека Иван Владислав сакајќи да ги прикрие своите намери и да не биде откриен дека стои зад убиството на Јован Владимир поставил заседи на повеќе места по патот што водел од Зета кон Охрид, (една таква заседа имало и кај манастирот „Свети Јован Бигорски“) со цел да го убијат при патувањето.

Но војниците што го очекувале кралот забележувале околу него придружба со војници кои имале крила, а во рацете држеле бајраци. Знаејќи дека тоа се Божјите ангели шпто го чуваат заседите се разбегувале и кралот пристигнал во Охрид. Кога пристигнал во местото што се викало Преспа, влегол во црквата да се помоли. Во тоа време Иван Владислав, изненаден што кралот не бил убиен, по патот, многу се налутил и испратил војници веднаш да го убијат во црквата.

Кога Јован Владимир забележал како војниците ја опколуваат црквата се помолил, го подигнал крстот и на присутните епископи и монаси кои требало да бидат гаранција за неговата безбедност им рекол: „Молете се за мене, господа мои, а овој свет крст заедно со вас нека ми биде сведок дека недолжно умирам.“

Бакнувајќи го крстот се збогувал со епископите и уплаканите, излегол од црквата, војниците на Владислав го совладале и му ја отсекле главата. Епископите го погребале телото во истата црква, а Господ за да ја објави неговата светост направил над гробот многу болни да најдат исцелување. Над гробот ноќно време се гледала Божествена светлина како да горат безброј свеќи.

Следејќи ги најновите сознанија, како и преданијата за свети Јован Владимир можат да се прецизираат повеќе сознанија за светителот. На тој план значајни сознанија нуди книгата „Свети Јован Владимир“ од авторот Миле Миќуновиќ, според која свети Јован Владимир е убиен во Охрид кај црквата „Света Богородица-Челница“.

Според некои историски извори во некој период од своето постоење градот Охрид се викал Преспа, па оттука забуната дека светецот е убиен во областа Преспа. Натаму, во црквата „Св. Богородица- Челница“ од убиството на св. Јован Владимир не се служеле никакви служби, особено не се венчавало и крштевало.

Според преданието, мртвото тело на св. Јован Владимир по убиството е однесено во областа Дебарца, во близина на селата Белчишта и Песочани каде што имало 30-40 цркви. Овде се издигале тврдини на Церевладимировиот град наречен Београд или Белград.

Телото на св. Јован Владимир било погребано во манастирот што го носел името „Свети Јован Крстител“, а по пет години телото било однесено во Елбасан и погребано во манастирот „Шин Ѓон“ – „Св. Јован“. Според преданието телото на светителот го пренесла неговата жена Косара која во манастирот се закалуѓерила и тука починала. Тука е и погребана.

Култот кон свети Јован Владимир многу бил раширен во Голо Брдо, област населена со Македонци, по делбите на Македонија, останат во Албанија. „Во некои села многу се раскажува за св. Јован Владимир, во чиј манастир кај Елбасан оделе луѓето од Стеблево, Себишта, Гиневац, Клењ, Борово, Окштун и Забузун. Во тој манастир се одело на 22 јуни, потоа во есен и во зима, а покрај православните оделе и муслимани. Свети Јован, кого на арбанашки начин го викаат Шин Ѓон, го сметаат за чудотворец.

Еве што се раскажува за него:

Св. Јован бил владар и зет на некој цар. Потоа го наклеветиле кај тестот дека е женскар. А тој бил светец. Тестот се налутил и тргнал со војска на него. Го нашол на Кафа Сан меѓу Струга и Елбасан. Ја извадил сабјата но сабјата не можела да го пресече. Свети Јован му ја дал својата сабја, и со неа неговиот тест го исекол.

Со отсечената глава што ја носел во рацете одел св. Јован до местото каде што сега се наоѓа неговиот манастир, а каде што имало еден даб. Кога св. Јован дошол до него дабот му се поклонил и тука Владимир паднал. Потоа тука е подигнат манастирот. Уште, се раскажува дека за време на Втората светска војна Италијанците сакале да го однесат кивотот на св. Владимир, но не можеле да го кренат.

Очигледно повеќе претстави од народното паметење нашле место во овие преданија. 

(Подготви Марко Китевски)


Од истата категорија