По викенд базарот и богатата детска, баскер, забавно-музичка и фолклорна програма минатиот продолжен викенд,  годинешното Културно лето 2025 во општина Ѓорче Петров продолжува и за време на  следните септемвриски денови. Овој пат програмата уште побогата и поразновидна, и распоредена исто така во четири дена дена.

Првите три дена, започнувајќи од четврток (11. септември) па се’ до сабота (13 септември) ќе бидат посветени на првото урбано издание на фестивалот „Еволуција на сонот“ кој ќе се одвива  во централниот парк на Ѓорче Петров.

Тој е дел од платформата за култура и заедништво „Еволуција на сонот 2025“ која претставува урбано, музичко и уметничко доживување кое ги обединува различните култури и генерации, создавајќи платформа за дијалог, инспирација и заедништво.

Фестивалот ќе донесе динамична и современа програма наменета за сите генерации, со акцент на урбана култура, меѓународна и локална уметничка сцена, племенита културна продукција со многу музика, перформанси и невообичаена форма на изразување.

Фестивалот има корени од 2016 година, кога старата куќа на Рузвелтова 44а беше претворена во уметнички простор пред нејзиното рушење. Подоцна, проектот продолжи во Кинотеката на Македонија со музичко-визуелни настапи и изложби. Ова е негово трето издание, но прво во форма на урбан фестивал што ќе продолжи да расте и да се надградува во наредните години.

Програмата на фестивалот е распоредена во три дена.

Така в четврток, на 11. септември е неговото отворање (20:00 часот), а фестивалот ќе започне во соработка со уметничкото движење Palomart од Неапол. Ќе настапат уметници и музичари од Португалија, Бразил и Италија со live аудио-визуелни перформанси, концерти, DJ сетови, уметнички инсталации и мурална уметност.

Следниот ден, петок, 12. септември е насловен  „Урбана култура и млади“.  Тоа е ден посветен на слободата на изразување преку музика, танц и визуелна уметност. Ќе има перкусионистичка работилница со бразилски уметник, live графити-перформанси и DJ сетови на Oky Doky, Double G, Аце КН и други. Атмосферата ќе биде збогатена со урбани активности и спортски натпревари.

Последниот ден, сабота, 13 септември е наречен Фузија, Завршниот ден ќе донесе концерти на Џун и Пијан Славеј, кои ќе ни ја пренесат свежината на еден нов музичко-поетски формат што носи поразличен звук на македонската сцена.

Последниот ден од претстојниот викенд, недела (14. септември) повторно им е посветен на најмладите.

Од 18 часот студиото Broadway JR на Здружението Крео Аксис во рамки на Културно лето на Општина Ѓорче Петров ќе настапи со мјузиклот ,,Аладин и волшебната ламба”. Подгответе се за волшебна авантура во Аграба, чудесниот град исполнет со тајни и авантури. Местото каде што живее Аладин – храброто момчe со големо срце и Јасмин, принцезата која се бори да го избере својот пат.Ќе се сретнете и со шармантниот Џини, со подлиот и злонамерен Џафар, како и со духовитиот Јаго, шарениот папагал кој секогаш има што да каже. Публиката ќе ужива во магијата на познатите песни – „Принц Али“, „Пријател како мене“, „Арапските ноќи“, ,,За цел нов свет”, кои ќе ја исполнат сцената со ориентален ритам, енергија и незаборавна атмосфера.

Ова е приказна за љубовта, храброста и силата на вистинските желби – претставена низ блескави сцени, младешка енергија и певливи мелодии кои сите ги знаеме и сакаме. Подгответе се за вечер исполнета со музика, магија и соништа што се остваруваат!

Веднаш потоа, од 19.30 часот за најмладите ќе следува и Летното кино во Ѓорче, со филмска проекција на два анимирани филма од Авантурите на Биби и Боби: „Пролетна магија“ и „Волшебната шума“.