Основно јавно обвинителство Куманово поведе постапка за случена сообраќајна незгода на 28.07.2021 година, околу 13 часот, на бул.Трета Македонска Ударна Бригада во Куманово, во која патничко моторно возило Форд Фиеста удри во пешаци при што едно лице го загуби животот, а две лица се со здобиени телесни повреди.
За време на увидот на самото место, дежурниот јавен обвинител презеде дејствија во насока на утврдување на причините за сообраќајната несреќа.
-Повикано е вешто лице од областа на сообраќајот да присуствува на увидот на лице место, издадена е наредба за проверка на количина на алкохол во крв и урина на осомничениот и на двајцата оштетени со задобиени телесни повреди. Извршено е алкотестирање со помош на алкомер “Дрегер” на возачот, при што е констатирано присуство на алкохол во организмот од 1,41г/кг. Направен е преглед на видео записи од камери поставени во близина на случената сообраќајна незгода. Едновремено обвинителството издаде наредба за обдукција на починатото лице. На местото на несреќата извршено е фотографирање и скицирање, издадена е наредба за да се изврши вонреден технички преглед над возилото, како и фиксирање на сите пронајдени траги и предмети, нивно подигање од крим техника, информираат од Обвинителството.
Во текот на 29.07.2021 година, јавниот обвинител продолжи со преземање дејствија, односно издадена е наредба за одземање на видео запис од објект поставен во близина на случената сообраќајна незгода, изврши испитување на двајцата оштетени во својство на сведоци, како и на осомничениот.
-Првичните сознанија на обвинителството укажуваат дека осомничениот, 70 – годишен жител на Куманово, не се придржувал кон прописите во сообраќајот и видно под дејство на алкохол од 1,41 г/кг го загрозил јавниот сообраќај и го довел во опасност животот и телото на починатото лице и оштетените. Откако управувајќи со возилото се движел по патот без да посвети внимание на пешаците кои стоеле на коловозот до возилото кое било паркирано на десната сообраќајна лента, осомничениот со предната десна страна од патничкото моторно возило удрил во пешаците.
Поради стореното, обвинителството поведе постапка против осомничениот за едно кривично дело Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Воедно до Судијата на претходна постапка при Основниот суд во Куманово поднесен е Предлог за определување на мерката куќен притвор против осомничениот, поради опасност од бегство и можност за повторување на кривичното дело, се вели во соопштението на Обвинителството.
Судијата на претходна постапка по спроведената постапка донесе Решение со кое на осомиченото лице му определи мерка куќен притвор во траење од 8 дена.