Гувернерот на американската држава Њујорк Ендрју Куомо денеска изјави дека бројот на починати за едно деноноќие пораснал за 438, што е помалку од претходниот ден кога починале 474 лица.

Тој рече дека вкупниот број на хоспитализирани паднал за повеќе од 500 во текот на вчерашниот ден, но оти бројот на новохоспитализирани е околу 1.300 дневно, што не е добро.

Гувернерот на Њујорк наведе дека со скрининг на 3.000 жители утврдено е дека 13,9 отсто се позитивни на антитела на коронавирусот, сугерирајќи дека околу 2,7 милиони луѓе ширум државата можеби се инфицирани.

Куомо истакна дека истражувањето било прелиминарно и ограничено со други фактори.

Тој рече дека биле тестирани луѓе кои биле надвор во продавници, што значи дека е поверојатно да се заразат, отколку луѓето кои се во изолација и седат дома.