На домашната спортска сцена денес на распоредот се финалните натпревари во ракометниот Куп на Македонија во двете конкуренции, додека кошаркарите ќе го играат полуфиналето.

Најпрво во салата „Автокоманда“ од 14:30 часот за трофејот ќе се борат ракометарките на Куманово и Вардар.

На истото место, три часа подоцна (17:30 часот) ќе стартува машкото ракометно куп финале во кое ќе се соочат  Вардар и Еурофарм Пелистер.

На само неколку километри од збиднувањата во ракометот, во СРЦ „Кале“ ќе се играат полуфиналните средби од кошаркарскиот куп „Благоја Георгиевски Буштур“.

Во првиот дуел, закажан за 17 часот ќе играат Навико Академија ФМП и МЗТ Скопје Аеродром.

Втората полуфинална двојка ја сочинуваат Работнички и Еуро Никел. Оваа средба ќе почне во 19:30 часот.