Австрискиот канцелар Себастијан Курц денеска ја отфрли идејата за ново дополнително одлагање на датумот за Брегзит.
– Во моментов нема апсолутно никаква причина за одлагање (на Брегзит), бидејќи хаосот во Велика Британија не е променет, изјави Курц.
Изјавата на Курц претставува реакција на најавата на британската премиерка Тереза Меј дека од ЕУ ќе бара дополнително одлагање на Брегзит.
Според Курц, во моментов не е на повидок дека Меј ќе може да обезбеди мнозинство во Долниот дом на британскиот Парламент за усвојување на Договорот за Брегзит, што лани во ноември го постигнаа Владата во Лондон и ЕУ.
Меј минатата месец побара од лидерите на ЕУ одлагање на Брегзит до 30 јуни, кој првично беше предвиден за 29 март. Но, шефовите на држави или влади на членките на Унијата одобрија одлагање на Брегзит најдоцна до 22 мај, под услов Парламентот во Лондон да го прифати Договорот за британското истапување од ЕУ. Според одлуката на Европскиот совет, доколку Парламентот не го прифати документот, Велика Британија ќе мора да ја напушти Унијата на 12 април без договор.