Австрискиот канцелар Себастија Курц изјави денеска дека оваа година треба да се избегне одмор, за да не се дозволи вирусот повторно да се увезе во земјата од странство, нагласувајќи дека слободата на патувања ќе биде поинаква и ќе зависи од тоа дали во одредена држава постои опасност од Ковид-19.
– Ќе имаме поинаква слобода на патувања, која многу ќе зависи од ситуацијата во некои земји, нагласи Курц.
Со цел во Австрија да се спречи втор бран на инфекцијата, кој би можел да биде поопасен од актуелниот, Курц истакна дека „се додека нема вакцина, точни брзи тестови или соодветни лекови, оваа болест ќе не следи сите нас, па затоа дотогаш нема да има неограничена слобода на патувањата на кои што сме навикнале“.
– Ќе има земји каде вирусот веќе нема да биде проблем и земји каде што е присутна опасноста. Ќе зависи од ситуацијата во одделни држави. Долгорочно останува целта да се укинат внатрешните граници во Европа, но во ниту еден случај пребрзо, потенцира австрискиот канцелар.