Премиерот Зоран Заев и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски знаеле за движењето на поранешниот премиер Никола Груевски? Ова е прашањето кое на големо се коментира во јавноста, пишува Курир.
Порталот додава:
Речиси не постои човек во Република Македонија кој ќе поверува дека поранешен премиер, поранешен лидер на најголемата партија во Република Македонија, во политичко-судски процес проследен со медиумска помпа осуден на казна затвор од две години, туку така, преку ноќ, незабележано ќе ја напушти државата и ќе побара политички азил во земја која не е ниту соседна на Република Македонија.
Повеќе од јасно е дека човекот кого со месеци го следат безбедносните служби, за кого одредени медиуми пишуваа и најсочни детали со кого се среќавал, што зборувал на средбите, како зборувал, невозможно е да избега со сопствени сили и без знаење на Заев и Спасовски.
Она на што треба да се стави акцент по заминувањето на Груевски од Република Македонија е политичката заднина и последиците од неа.
Несомнено е дека заминувањето на Никола Груевски ѝ стави црна дамка на политичката и професионална кариера на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, иако на дневна основа Спасовски се обидува да спаси дел од она што останало со префрлање на топката во судот.
-Размислувам во однос на одговорноста на оние на кои им одредуваат притвор на лицата за кои постои опасност да избегаат. Ги пуштаат слободно да се движат низ државата, слободно да ги обавуваат сите работи кои ги обавуваат и на крај кога се носи пресудата тие не се во притвор за да можат да бидат обезбедни, иако се со повеќе кривични дела. Замислете, притвор се одредува за случаи на разбојништво и тешки кражби, а за вакви случаи не се одредува. Полицијата работи исклучиво по наредбите кои ги издава судот и таа без наредба не може да следи кого било и постојано да биде присутна со него, околу него само заради тоа што се води судска постапка против него, рече Спасовски, префрлајќи ја топката кај судот.
Не може судот самоиницијативно да определува мерка притвор, тоа е секогаш по барање на Обвинителството. Во случајот „Тенк“ од самиот почеток на подигање на обвинението до соопштување на одлуката од страна на Обвинителството во ниеден момент не е побарана мерка притвор за обвинетиот Никола Груевски, изјави денеска претседателот на Кривичниот суд Иван Џолев.
-Точно е дека МВР постапува согласно наредбите и решенијата коишто ги носи Судот, меѓутоа не треба да заборавиме дека постапува и согласно наредби коишто се даваат од страна на Обвинителството, како и самоиницијативно кога станува збор за сузбивање на криминал или спречување еве во конкретниов случај некое лице без пасош да ја напушти нелегално државата доколку се воспостави дека такво нешто се случува, појасни Џолев.
И додека судот и МВР се расправаат кој е виновен, Груевски се јави самиот од Будимпешта и соопшти дека во последните денови добивал закажи по животот и дека се засолнал во Унгарија и побарал политички азил.
„Во последните неколку денови примив безброј закани по мојот живот. Јас сум во Будимпешта сега, и побарав политички азил од Унгарските власти. Секогаш ќе останам верен на каузата на Македонија. Никогаш нема да отстапам“.
Груевски не е кој било, разбојник обвинет за тешка кражба. Никола Груевски е најголемата мета на актуелната власт, човек со кого власта се занимава уште од времето кога беше во опозиција, а тој премиер. Врз него беше спроведена најголемата политичко-судска хајка, обвинет е во монтиран политички случај без да му се овозможи минимум фер судење, а синоќешната акција на полицијата во домот на поранешниот премиер и во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ беше финале на филмот режиран во насока да се дефокусира јавноста од реалните политички случувања – промената на Уставот и уставното име на Република Македонија. Оттука, во најмала рака несериозно е да се верува дека министерот за внатрешни работи не знаел дека токму Груевски ја напушта земјата.
Се покажа и дека вчерашните акции на МВР во домот на Груевски и во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ се смислена акција и непотребно дефокусирање на јавноста.
Дознаваме и дека за да се постигне вистинитост на приказната малтретирани се и членови на семејството на Груевски при претресот.
Не е можно заминување до Унгарија без целосна сихронизираност со македонските власти. За тоа обвинуваат и видни новинарски пера блиски до власта.
„Ме прашаа на телевизија како успеал да избега. Од каде да знам јас? Знаат тие што го организираа бегството. Или тие што го пуштија да избега. Нив нека си ги прашаат“, пишува Бранко Героски во колумна посветена на овој случај.
Како поткрепа, со истото тврдење излезе и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, кој уште синоќа додека траеше полицискиот театар околу седиштето на најголемата опозициска партија, на Фејсбук напиша:
„Господа од власта кого залажувате и пред кого правите евтин театар сега кога на чиста правдина го посочувате прстот во ВМРО-ДПМНЕ дека наводно крие некого, лажно без аргументи? Ова не е само напад врз ВМРО-ДПМНЕ, ова е напад врз слободата, врз главната опозициска сила, врз критичката мисла, каква не познава модерна Европа и пошироко во Светот. Зарем лицето по кого со години водите политичка хајка, фрлате со дрва и камења и кого го третирате за државен непријател сакате да кажете дека не знаете каде се наоѓа? Како кога до вчера, исто како него, сите нас не следите, се заканувате, претите“.