Косовскиот премиер Албин Курти ги прими денеска нерезидентниот амбасадор на Јапонија за Косово во Виена, Мизутани Акира и вршителот на работите во јапонската амбасада во Косово, Огасава Митсунори, при што ги покани премиерот Јошихиде Суга и министерот за надворешни работи на Јапонија, Тошимицу Мотеги, да ја посетат Приштина, објави службата за информирање на Владата на Косово.
Како што јави дописникот на МИА од Приштина, во соопштението по средбата со јапонските дипломати се наведува дека Курти се заблагодарил за „постојаната поддршка од Јапонија за Косово, како пред така и по осамостојувањето на земјата“.
– Соговорниците се согласија околу значењето и конкретните чекори за заедничкото организирање на виртуелниот семинар за бизнис, што ќе се одржи есенва, а чија цел е привлекување на јапонските инвеститори во Косово, соопшти кабинетот на Курти.
Јапонскиот амбасадор Мизутани, се вели во соопштението, „уште еднаш ја нагласи посветенота на Јапонија кон Косово и подготвеноста за продлабочување на билатералните односи со Република Косово“.
– Амбасадорот Мизутани оцени дека соработката меѓу двете земји треба да се продлабочи во сите области и го нагласи значењето на именувањето на амбасадорот на Косово во Јапонија, се вели во соопштението.
На средбата станало збор за актуелната состојба со справувањето со Ковид-19, при што е истакната вредноста на јапонскиот грант за справување со пандемијата.