Лидерот за самоопределување, Албин Курти, ги објави денеска, пред состанокот со косовскиот претседател Хашим Тачи, имињата на пет идни министри и заменици министри на неговата влада, јави дописникот на МИА од Приштина.
Се очекува Курти, како лидер на победничката партија на изборите да се номинира како мандатар за идната косовска влада.
Во видео-пораката што ја објави на својот Фејсбук профил, Курти најави дека има во план да го предложи Блерим Река за министер за надворешни работи и дијаспора. Река беше кандидат за претседател на Македонија на изборите во минатата година.
Вицепремиер ќе биде Хаки Абази, позицијата министер за правда ќе ја извршува Албулен Хаџи, министер за финансии – Бесник Бесљими додека Розета Хајдари ќе ја извршува функцијата министер за економија и Арбен Вита ќе биде шеф на Министерството за образование и спорт.
Засега нема потврда дали е постигнат договор за коалиција. На списокот нема име за министер за внатрешни работи бидејќи Самоопределување инсистира за тоа министерство.
Попладнево е закажана средба на Курти со претседателот на Косово на која треба да го добие мандатот за формирање нова влада. Потоа, тој ќе има 15 денови за предлог до Собранието за составот на идниот кабинет.