Истиот ден кога стапи на сила договорот за личните документи меѓу Белград и Приштина, почнува да тече и 2-месечниот рок за Србите од Северот на Косово – досегашните таблички на автромобилите да ги пререгистрираат со таблички РКС, односно Република Косово. Премиерот Албин Курти не се откажува од одлуката, која минатиот месец беше одложена, откако предизвика сериозни тензии и ги поттикна локалните Срби да подигнат барикади. Курти сега во обраќање на српски јазик им порача на околу 50 илјади етнички Срби дека имаат 61 ден да ги пререгистрираат табличките со акроними од косовските градови издадени во Србија да ги пререгистрираат со РКС.

-Таблиците кои ги издава Србија „ПР“, „КМ“, „ПЗ“, „ГЛ“, „УР“, „ПЕ“, „ДА“ и „ЏА“ се наследство на режимот на Милошевиќ. Ваквото наследство не треба да биде товор на вашите плеќи. На овој начин, тоа ве држи изолирани во минатото. , изјави Албин Курти, премиер на Косово.

Пораката на Курти очекувано не наиде на одобрување меѓу Србите на Косово. Во Косовска Митровица осамнаа летоци на кои ознаката за Република Косово е пречкртана, а ознаката за Косовска Митровица одобрена. Српските медиуми објавуваат дека многу регистрации се облепени со таблици КМ, во знак на протест, а директорот на Канцеларијата на Косово Петар Петковиќ му порача на Курти дека како што ги сочувале српските лични карти, така ќе се изборат и за регистарските таблички. Дел од медиумите објавуваат дека во случај да се бојкотира пререгистрацијата, Србите ризикуваат автомобилите да им бидат конфискувани од ноември. Денеска на граничните премини меѓу Косово и Србија започна примената на договорот постигнат пред пет дена, според кој, Србите од Косово можат да патуваат со српски документи, а Белград нема да издава дополнителни документи за сопствениците на лични карти издадени од косовските власти.