Косово е подготвено да се спротивстави на можен напад од Србија бидејќи влошувањето на конфликтот со српското малцинство може да резултира со нов вооружен конфликт, изјави премиерот Албин Курти во интервју за Ројтерс.
Тензиите меѓу Србија и Косово повторно се разгореа претходно овој месец, кога Приштина објави дека ќе ги обврзе Србите кои живеат на северот, кој е поддржан од Белград и не ги признава косовските институции, да почнат да ги користат регистарските таблички издадени од Приштина.
Ситуацијата се смири откако Курти, под притисок на САД и Европската унија, се согласи да го одложи правилото за регистарски таблички до 1 септември, а мировниците на НАТО го надгледуваат отстранувањето на барикадите поставени од Србите.
– Не треба да се исклучи дека овие агресивни политики на Белград може да се претворат во напад на Косово, на еден или друг начин. Ние сме претпазливи, но не се плашиме, изјави Курти за Ројтерс.
Тој додаде: Не велам дека ќе не нападнат оваа недела или следната недела, но би било целосно неодговорно да се исклучи можноста за зголемување на тензиите и нови конфликти.
Малата балканска земја, без излез на море, стекна независност од Србија во 2008 година, речиси една деценија по герилскиот бунт против угнетувачката влада во Белград, пишува Ројтерс.
Етничките Срби сочинуваат пет отсто од 1,8 милиони жители на Косово, а етничките Албанци сочинуваат 90 отсто.
Околу 50.000 Срби живеат на северот на Косово, во близина на границата со Србија. Останатите 40.000 живеат јужно од реката Ибар и користат регистарски таблички издадени од косовската влада.