Албин Курти изјави дека бил подготвен да го потпише денешниот договор во Брисел, но српската страна како што рече тоа го одбила.
Во обраќањето до медиумите по средбата во Брисел, Курти смета дека е загуба оти ништо не е потпишано.
„Тоа е договор кој целосно ја воспоставува рамноправноста на страните, тоа е договор на симетрија, добрососедство и соработка во иднина, секогаш на демократски и европски начин. Не потпишав затоа што другата страна не сакаше да потпише. Ја изразив мојата волја и интерес да го потпишам овој текст. Тоа нема да биде прв текст потпишан од премиерот на Косово и шефот на Србија. Во Берлин потпишавме три договори. Мислам дека е штета што не беше потпишан денес. Договорот требаше да се потпише,“, рече Курти.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, по разговорите со европскиот комесар за надворешни работи, Жозеп Борел, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, и премиерот на Косово, Албин Курти, изјави дека денеска не разговарале за Европски предлог за решавање на косовското прашање, туку за имплементација на претходно постигнатиот договор, каде на прво место е формирањето на Заедницата на српските општини (ЗСО).
„Јас инсистирав на ЗСО. Мислам дека господинот Курти не беше подготвен да прифати сега, ќе видиме дали ќе прифати во иднина“, рече Вучиќ.
По средбата, Борел изјави дека разговорите биле интензивни и дека и Вучиќ и Курти покажале одговорност.
Тој додаде дека претседателот на Србија и премиерот на Косово на трилатералната средба во Брисел се договориле дека не се потребни дополнителни дискусии за текстот на предлогот на ЕУ за нормализација на односите меѓу Србија и Косово и дека текстот наскоро ќе биде објавен на веб-страницата на ЕУ.
„Сега, кога се договорија за тоа, текстот на планот многу брзо ќе биде достапен на јавноста. Овој план е пред се важен за луѓето кои живеат во Србија и Косово, за нивните граѓани. Според планот, граѓаните ќе можат слободно да се движат, да ги користат пасошите и документите, како и регистарските таблички“, рече Борел.