Вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, по повод најавите на претседателот на државата Хашим Тачи дека неделава ќе преземе дејствија за формирање нова влада, со оглед дека актуелната е разрешена од Собранието, изјави дека Тачи ги надминува своите овластувања и се стреми да наметнува политчка волја во Косово.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, Курти во неговото денешно обраќање пред новинарите во Приштина изјави дека претседателот на Републиката е „церемонијална фигура“ и „државен нотар“.

– Јас сум вршител на должниста премиер, но државата има претседател кој е вон неговата должност со таа негова интенција да ја формира и наметнува полтичката волја во Косово. Претседателот е една церемонијална фигура, може да се каже државен нотар, кој не е еден од столбовите на државата. Јасно е дека тој не е задоволен од надлежностите кои ги има, но такви се според Уставот и тоа требал да го размисли навреме, изјави Курти.

Тачи вчера најави дека неделава ќе ги преземе дејствијата, согласно неговите уставни овластувања, за формирање нова влада на Косово, со оглед дека сегашната влада предводена од Курти е во оставка, откако на 25 март ѝ беше изгласана недоверба од Собранието.

Курти ги одбива барањата на претседателот да именува мандатар за формриање на нова влада, тврдејќи дека нова влада во ваква ситуација, според неговото толкување на Уставот, може да се формира единствено по нови избори, кои би се одржале откако ќе помине епидемијата на Ковид-19.