Режисерот Емир Кустурица го опиша лидерот на СНСД и иден член на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик како „центарфор кој исфрла двајцата противници зад себе за да постигне гол“.
– Тој на маневарскиот простор дејствува како најдобар центарфор на светот. Сите го чуваат, но кога топката ќе влета во шеснаесеттик, тој е незапирлив. Способен е да се ослободи од двајца противници зад грб и да постигне гол, вели Кустурица за Вечерње новости.
Тој додава дека набргу ќе се види дека „Додик не е проблем каков што странците го претставуваат“. Кустурица оценува дека Додик е важен, бидејќи како што вели, успева да заврши се што ќе замисли и дека има неверојатна енергија.
– Еднаш, в зора, на Меќавник за време на Фестивалот Кустендорф, пред одење на спиење, отпеа некоја краишка песна. Сите цвеќиња во саксиите и на терасата се тресеа, а дрвата трепереа, наведува Кустурица.
Режисерот истакнува дека вистината за состојбите во БиХ Додик ја повторува секој ден, овозможувајќи во тешки околности таа да биде достапна на сите.
– Од селска Бањалука, тој направи град, каде може да се набројат сите белези на европски центар, вклучувајќи и предградие. Со стотина километри автопат, болници и училишта, пресудно влијаеше на созавањето на Андриќград како средиште на културата и науката, вели Кустурица.
Инаку, изјава за Кустурица, деновиве, имаше и Додик. Тој, по изборот на новата функција во БиХ, изјави дека прво нешто штом ја преземе таа функција, ќе биде назначување на режисерот Кустурица за негов советник.