Единаесет дена јавноста чека одговор. Единаесет дена власта молчи. Како пет тони дрога, по некои процени вредни речиси 40 милиони евра, ја поминале македонската граница и завршиле во Србија? Кој ќе одговара? Молкот не е случајност. Молкот е индикатор дека овој скандал води кон врвот на власта и дека некој се обидува да го забошоти овој огромен нарко-кандал, се наведува во денешното соопштение на Центарот за комуникации со јавноста на СДСМ на прес-конференција на портпаролката Богданка Кузеска, што МИА го пренесува интегрално.

Наместо одговори, гледаме дефокус на власта, прават медиумска магла за да побегнат од клучното прашање.

А македонскиот Мадуро, Мицкоски, лицитира во медиумите – 25 тони, 40 тони, сега најавува 100 тони.

Дали сите фирми се нелегални? Тоа ли го порачува Мицкоски?! Ако е така, зошто не била навреме направена контрола, зошто власта дозволила нелегално да се произведува и да се складира?

Не се кажува дали државата ги субвенционирала? Што ќе се случи ако компаниите побараат отштета?

Колку ќе чини оваа медиумска пропаганда, која на крајот ќе ја платат граѓаните.

Во меѓувреме, медиумите во Србија објавуваат нови информации што отвораат сериозни сомнежи.

Според овие медиуми, уапсениот функционер на СНС, сестринска партија на ВМРО, поврзан со заплената во Крушевац, бил близок со српскиот министер за одбрана, Братислав Гашиќ.

Доколку ова се потврди, се отвораат нови сомнежи за можна поврзасност и на други функцонери во ВМРО.

Прашуваме: Каква е улогата директорот на СОЗР и новоназначен организациски секретар на ВМРО?

Ова не е прашање на политика, туку на владеење на правото.

СДСМ нема да дозволи ова да се забошоти. Ќе продолжиме да бараме одговори, целосна истрага и одговорност за сите, без разлика на функција или партиска припадност.

Одговорност ќе има. За сите.

Кампања против предметите на СЈО – операција за враќање на Груевски

Во тек е координирана политичка операција чија цел е враќање на Никола Груевски и целосно уривање на правниот систем во државата.

Откако ги видовме резултатите од истражувањата во Унгарија, станува извесно е дека блискиот пријател на Мицкоски, Орбан може да се соочи со пораз на изборите.

Тоа го виде и Никола Груевски.

Наместо во Идризово, ВМРО му планира враќање во Белата палата.

Така изгледаат „реформите“ во ВМРО. Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренција – се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.

Мицкоски е само чувар на фотелјата.

Клучниот чекор во ова сценарио е нападот врз СЈО и пресудите што произлегоа од неговата работа. Преку орбановите медиуми во Македонија, пред сè преку Алфа, веќе се води црна кампања со наратив за „политички прогон“ и „монтирани случаи“.

Целта е јасна – дискредитација на предметите, релативизирање на пресудите и подготовка на терен за нивно поништување.

Ова не е случајна медиумска офанзива. Ова е организиран обид да се избрише одговорноста за криминалот на поранешната власт и да се претстави бегалецот Груевски како жртва.

Истовремено се носат решенија во правосудството спротивни на европските препораки, се поставуваат партиски луѓе на клучни позиции и се слабее институционалната независност. Сè со една цел – да се обезбеди безбеден терен за враќање на „газдата“.

Ова не е внатрепартиска работа на ВМРО. Ова е директен напад врз владеењето на правото и европската перспектива на државата.

Центар за комуникации со јавноста на СДСМ