Милица Кузмановска од Здружението посветено на пациенти со рак ХЕМА-ОНКО, зборуваше за зголемениот број на пациенти со канцер на бели дробови.
Таа рече дека не само аерозагадувањето, туку и дека пушењето е најголем ризик фактор, објавува ТВ 21.
„Не би рекла дека е само аерозагадувањето, еден голем фактор за канцер на бели дробови и висок ризик е пушењето. Ние сме пушачка нација, ние сме меѓу првите земји на скалата. Треба малку да се тргне од личната свест, и оние кампањи кои ги спомена министерството за здравсто да ги креира“, рече Кузмановска.
Таа вели дека проблемот не е само во недостигот на терапија туку во немањето план за набавка и немање регистер на пациенти.
-Немањето на еден специјален регистер за пациенти со рак е всушност проблемот кој што ги предизвикува сите овие понатамошни проблеми во однос на набавката на лекови, меѓутоа и зголемениот број на пациенти со рак. Ние од директорот на Клиниката за онкологија добивме бројка дека оваа година имаме 1.200 нови пациенти со рак на дојка за жал, што е во споредба со минатата година, не двојно поголема бројка, можеби неколкукратно поголема бројка, изјави Милица Кузмановска од Хема Онко.
Ана Марјановиќ онколошки пациент вели дека самата информација дека на Клиниката ја нема потребната терапија за пациентите претставува голем стрес кој влијае на нивната здравствена состојба. Посебен стрес доживеала со скандалот на Онкологија пред една и пол година кој ги загрижило и нејзините најблиски.
-Канцерот сам по себе е доволен стрес не само за пациентите туку и за оние кои што ги опкружуваат. Тоа е болест која што влијае на најблиското семејство. Постојаните проблеми не помагаат апсолутно во ништо. Стравот го преживеавме сите, го преживеаја и моите деца кои што нели слушаа па одговарав на прашања од типот дали си примила терапија, изјави Ана Марјановиќ, онколошки пациент.
Кузмановска и Марјановиќ посочија и на други проблеми а тоа е слабиот капацитет на Клиниката но и недоволниот буџет, покрај постојаниот пораст на бројките на заболени од канцер. Воедно бараат и таблетарната терапија да биде достапна по аптеките бидејќи досега само за да подигна таблети мора да одат на Клиника.