Владата го спроведува јавниот повик „Поддршка за креирање на нови работни места“, наменет за македонските компании кои планираат да го прошират своето работење преку нови вработувања. Во рамки на првата подмерка „Вработување и раст на правни субјекти“ се предвидува финансиска поддршка за отворање на вкупно 1.385 нови работни места.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Биљана Кузманоска, која истакна дека за оваа мерка се обезбедени 332,65 милиони денари, односно околу 5,4 милиони евра.
Според условите на повикот, една компанија ќе може да добие финансиска поддршка за вработување најмногу до пет лица, а висината на грантот ќе зависи од категоријата на невработените.
Највисок износ од 250.000 денари е предвиден за вработување млади лица до 29 години. За лица корисници на гарантирана минимална помош, Роми, лица со попреченост, жени, долгорочно невработени и жени Ромки со завршено средно или високо образование, поддршката изнесува 220.000 денари по вработен. За невработени лица постари од 29 години, грантот е 160.000 денари.
Како новина во мерката, Кузманоска посочи дека дополнително ќе се стимулира вработувањето на повратници, при што работодавачите ќе добијат уште 10 проценти над основниот износ на одобрениот грант за секое вработено лице повратник.
Според Кузманоска, мерката има цел да поттикне отворање нови работни места, да го поддржи развојот на домашните компании и да создаде подобри можности за професионален и кариерен развој на граѓаните.




