Филип Кузмановски со гол во последната секунда донесе бод за Македонија во дуелот против Австрија (29-29) на отворањето на втората фаза на Светското првенство (СП) во ракомет.

По мечот, бекот ги сумираше впечатоците и говореше за средбата пред медиумите.

„На крајот можев да бидам и трагичар, промашив пенал за победа, но на крајот ме посака среќата. Имав доволно време да шутнам, презедов одговорност, имав самодоверба и успеав. Покажавме борба на овој меч, не сакам да потценам никого, но бевме поквалитетни од противникот. Мал проблем ни беше нивната игра седум на шест, а во одредени моменти не бевме и трпеливи. Австрија ги чекаше нашите грешки и ги искористи.

Сега ни следи меч со Катар, можеби имаме мал умор, но играме за репрезентацијата. Имаме уште два натпревари и треба да се бориме до крај со секого. Веруваме во нас, затоа што сакаме да ја израдуваме Македонија“, изјави Кузмановски.