На 13 кола пред крајот на Шампионатот во Ла Лига, време е за второто „Ел Класико“ за сезоната и 180-то во целина.

Првата средба помеѓу Барселона и Реал Мадрид во октомври разочара со ремито без голови и сега надежите се за поспектакуларно издание на еден од најголемите натпревари во светот, кој започнува вечерва во 21.00 часот по наше време.

Во моментов Барселона е во водство со 2 бода пред „белиот балет“, што значи само едно – Реал Мадрид нема право на грешка на „Сантијаго Бернабеу“.

Двете екипи не се во совршена состојба. Реал Мадрид загуби со 1-2 од Манчестер Сити во првиот дуел од осминафиналето во Лигата на шампионите оваа седмица, а Барселона ремизираше 1-1 како гостин на Наполи.

Втор пораз во текот на неделата може да ја уништи сезоната за „кралевите“, кои испаднаа од борбата и за Купот на Шпанија, додека успехот за Барселона ќе им даде дополнителна самодоверба. „Лос Кулес“ се во серија од четири последователни победи во Ла Лига и покрај нивната променлива игра.

Надвор од сметките на тренерот на Реал, Зинедин Зидан се Марко Асенсио, кој лекува повреда, и Еден Азар. Голем проблем за Реал Мадрид е постигнувањето на голови, а за ова главно се потпира на Карим Бензема, кој има 13 гола од почетокот на сезоната.

Менторот Кике Сетиен исто има проблеми со составот. Тој нема да смета на повредените Серхи Роберто, Жорди Алба, Луис Суарез и Усман Дембеле.

Барселона има убави сеќавања од гостувањата на „Бернабеу“, откако победи во 7 од последните 10 изданија на „Ел Класико“ во Мадрид и дозволи два порази, а еднаш двете екипи одиграа нерешено. Оваа сезона, сепак, Барселона не е убедлива, со веќе 4 порази настрана „Камп Ноу“, три реми и пет победи.

Интересен факт за натпреварот е дека двата тима имаат еднаков број победи во „Ел Класико“ – 72:72, а 35 пати одиграа без победник.

Можни состави:

Реал Мадрид: Куртоа, Карвахал, Варан, Рамос, Менди, Валверде, Касемиро, Иско, Крос, Бензема, Бејл.

Барселона: Тер Штеген, Фирпо, Умтити, Пике, Семедо, Де Јонг, Видал, Бускетс, Артур, Гризман, Меси.

Стадион: „Сантијаго Бернабеу“
Главен судија: Антонио Матеу Лаос
Старт: 21,00 часот.