Економијата во еврозоната во 2020 година ги достигна своите највисоки нивоа од светската финансиска криза во 2008 година, изјави директорката на Европската централна банка, Кристин Лагард.
-Економијата во еврозоната и натаму расте, но со пониско темпо. Оваа тенденција е поддржана од стабилната внатрешна потреба. Главните економски показатели на еврозоната постојано се подобруваат. Просечното ниво на невработеност е 7,4 отсто, што е најнискиот показател од 2008 година. Во целина економската ситуација во еврозоната ги достигна своите највисоки показатели од 2008 година, рече Лагард пред Европскиот парламент.
Лагард забележа дека цената на кредите за бизниси и за физички лица во еврозоната, исто така, се на своето најниско ниво од светската финансиска криза.
-Глобалните ризици остануваат високи. Ризикот од трговска војна меѓу Кина и САД постепено заминува во минатото, но економските последици од ширењето на коронавирусот предизвикуваат стравувања во моментов, продолжи директорката на ЕЦБ.
Таа не сакаше да даде поконкретна информација како коронавирусот може да се одрази врз светската економија, а како последица од тоа, и врз еврозоната.
ЕЦБ во декември 2020 година ќе го заврши процесот на ревидирање на својата кредитно-фискална политика, соопшти Лагард. Банката овој процес официјално го почна на 23 јануари.
-Економската ситуација во светот брзо и радикално се менува, што бара адаптирање на кредитно-фискалната политика на ЕЦБ. Во тој правец ЕЦБ одлучи да почне процес на ревидирање на својата монетарна политика. Тоа ќе биде тежок процес што се надеваме дека ќе го завршиме во декември 2020 година, посочи таа.
Одговарајќи на прашањата на европратениците Лагард одби да каже дали ЕЦБ ќе ја ревидира својата стратегиска цел инфлацијата во еврозоната да ја држи на ниво малку под два отсто годишно. Според неа, одговорот на ова прашање треба да биде даден во процесот на ревидирање на политиката на ЕЦБ и затоа во моментот е прерано било што да се каже.