ЛАЈЧАК: Србија нема да се противи на членство на Косово во меѓународни организации

/ 21.03.2023

Специјалниот претставник на Европската унија (ЕУ) за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак изјави дека договорот меѓу претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти претставува пресвртница.

-Сега двете страни треба да ги спроведат сите членови од договорот за патот кон нормализација на односите меѓу Косово и Србија, изјави Лајчак во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) и Јуроњуз Србија.

Ова го вклучува и членот четири, во кој се вели дека Србија нема да се спротивстави на членството на Косово во ниту една меѓународна организација, посочи Лајчак и додаде дека Косово има обврска веднаш да започне со спроведување на договорот поврзан со формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово.

Лајчак призна дека во принцип ЕУ имала поамбициозен план, кој вклучувал потпишување на договор и нацрт-анексот со јасни временски рамки и задачи.

Според него, не било можно лидерите да се договорат за секоја точка, а имало и одбивање на српскиот претседател да го потпише документот, па првичниот предлог бил сменет.

Лајчак најави многу брзо средба на главните преговарачи на Србија и Косово, со цел да се започне со работа на имплементација на одредбите од договорот постигнат на 18 март во Охрид.

-Веќе ги започнавме внатрешните процедури во ЕУ за формализирање на овој фактор за воведување на тој дел од агендата на ЕУ за Србија и Косово, а како следен чекор во дијалогот ќе ги поканам главните преговарачи во Брисел и ќе разговараме за чекорите за имплементација, за да се осигураме дека имаме договор за ова, нагласи Лајчак.

Прашањето кое често се споменуваше во јавниот дискурс беше потпишувањето на договорот, рече Лајчак и објасни дека предлогот на ЕУ како посредник бил да се потпишат документите.

-Вучиќ сосема јасно стави до знаење дека не е во позиција да го потпише овој документ и ги наведе уставните ограничувања, па се договоривме документот да биде формален преку изјавата на високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, а тоа е целосно во согласност со меѓународната правна практика, нагласи Лајчак.

Тој посочи дека тоа значи дека овој документ е обврзувачки, официјален и формален, така што сите шпекулации дали е валиден или не се бесмислени.

Тој објасни дека ќе се формира Мешовит комитет кој ќе го следи, оценува и известува за спроведувањето, а со него ќе претседава ЕУ.

-Тоа е еден од елементите на анексот каде што рековме дека овој заеднички надзорен одбор ќе се формира во рок од 30 дена. Сега интензивно работиме на дефинирање на задачата за оваа заедничка надзорна комисија, рече Лајчак и изјави дека и Косово и Србија ќе бидат дел од тој комитет.

Лајчак посочи дека ЕУ ќе ги информира земјите-членки, така што напредокот на патот на ЕУ и за Косово и Србија ќе зависи од нивното спроведување на одредбите од овој договор и анексот.

Тој повтори дека ЕУ планирала многу конкретни рокови во првичниот документ, но сега не сака да ги наметнува на двете страни.

-Мора да се договориме за тоа кога ќе се сретнеме, но тоа не е тајна. Многупати кажавме дека сакаме да го завршиме овој процес за време на мандатот на актуелното раководство на ЕУ, Европската комисија и американската администрација, посочи Лајчак.

Во наредната година ќе има нова политичка реалност, избори во Европа и САД, и ќе има помалку внимание и посветеност, посочи Лајчак.

Верувам дека имаме доволно време успешно да го завршиме овој процес и да ги спроведеме одредбите од овој договор, но се зависи од посветеноста на страните, заклучи Лајчак.


Од истата категорија