Чувствувам обврска на јавноста да и објаснам дека јас, Цветанка Ласкова, не конкурирав за одбележување на 50 години од мојата музичка кариера, за парите што ги добив, кои барам да му бидат вратени на Министерството за култура, вели во реакцијата пејачката Ласкова, блиска до владејачкиот СДСМ и поранешна партиска функционерка.
Таа од Министерството за култура доби 300.000 денари за концерт, по што во јавноста има бурни реакции бидејќи им се скратени пари на многу значајни проекти.
Ласкова на Фејсбук побара организаторот на концертот да ги врати парите во министерството.
– Не ме изненадува реакцијата на Комисијата за култура на ВМРО ДПМНЕ исполнета со навреди, омаловажување и невистини упатени кон мене. Не им е прв пат. Чувствувам обврска кон јавноста да објаснам дека јас, Цветанка Ласкова, не конкурирав за одбележување на 50 години од мојата музичка кариера.Тоа беше идеја на продукциското студио ,,City Sound” DOOEL- Skopje, кое ми се обрати со предлог за концерт, преку моето творештво како интерпретатор, да се опфати 5 деценискиот развој на македонската фолк и поп музика. Овој проект го прифатив со чест и задоволство, но и покрај одличната идеја, заради својот мир, инсистирам организаторот на проектот, да ги врати одобрените средства во Министерството за култура, објави Ласкова на Фејсбук.
Парите беа одобрени за „50 години јубилеј- Цветанка Ласкова“, за тонско студио Сити Саунд ДООЕЛ Скопје, а поради преполовени средства од Министерството за култура Скопски џез фестивал денеска објави дека го отказува годинашниот Оффест.