Русија ја признава независноста на Украина, но се спротивставува на обидите на Киев да уништи сè што е руско, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во интервју за унгарскиот Јутуб канал „Ултраханг“.
– Ние ја признавме Украина врз основа на нејзината сопствена Декларација за независност и Устав. Во 1990 година беше усвоена Декларација за независност, која зборуваше за ненуклеарна, неутрална, вонблоковска држава, која ги признава правата на сите национални малцинства итн. И ова потоа беше вградено во уставот на земјата. Значи, ние признаваме Украина, која е значително различна од земјата во која моментално владее отворено нацистички режим, вели Лавров.
На прашањето кога Русија ќе може да каже дека нејзините цели во Украина се постигнати, Лавров одговори дека целите на Русија „никогаш не се промениле“.
Тој објасни и зошто Русија контролира територии надвор од регионите Донецк и Луганск, за кои тврди дека се дел од руската држава.
– Мислам дека е несоодветно луѓето да прашуваат кога ќе заврши војната, кога ќе престанеме, кога ќе го вратиме Запорожје… Всушност, ние веќе контролираме други територии надвор од регионите вклучени во нашиот устав, рече Лавров. Според него, „причината е едноставна – ни треба тампон зона“.
Потсети дека по „пучот“ (соборувањето на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович во 2014 година) „народот на Крим одржал референдум, а потоа Донецк и Луганск го сториле истото и решиле да бидат дел од Русија“.
Коментаирајќи го најавениот, па одложен состанок во Будимпешта меѓу претседателите на Русија и на САД, Владимир Путин и Доналд Трамп, Лавров оцени дека перспективата на средбата ќе зависи од американската страна, која го иницирала самитот.
Според рускиот министер за надворешни работи, Европа се обидува да го одвлече вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп од неговата логика за тоа како треба да се реши украинската криза.
– Многу е индикативно што сега се обидуваат да го одвлечат вниманието на американскиот претседател Доналд Трамп од логиката што тој самиот ја изразувал повеќе пати претходно. Тој директно рече – всушност, можеби беше првиот и, веројатно, единствениот лидер на Западот (а можеби и во целиот свет) кој од самиот почеток, дури и пред да ја преземе функцијата, на почетокот на септември 2024 година: „НАТО не треба да се меша во настаните во Украина. Ако НАТО застане точно на границите на Русија, таа нема да го толерира тоа и можам да ги разберам нивните чувства, забележа Лавров.
Москва, како што наведе, ја дели оценката на американскиот претседател Доналд Трамп за резултатите од самитот во Алјаска дека прашањата околу решавањето на украинскиот конфликт се решливи.
Лавров повтори дека Москва е подготвена да ги продолжи контактите со американската страна со темпо што би му одговарало на Вашингтон.
Тој посочи дека западните политичари од пролетта почнале да зборуваат за „итен прекин на огнот без никакви предуслови“.
– Тие продолжуваат да ја пеат оваа песна до ден-денес. Марк Руте, Емануел Макрон. Патем, кога францускиот претседател Макрон се префрли на логиката „прекин на огнот, запирање на убиствата без предуслови, а потоа ќе видиме“, беше прашан дали тоа значи дека снабдувањето со оружје за Украина ќе биде запрено. Тој одговори: не, не е така. Нема предуслови“, истакна Лавров.
Во интервјуто, Лавров му советува на британскиот премиер Кир Стармер да се сети на зборовите и постапките на европските лидери пред да тврди дека рускиот претседател Владимир Путин не сака мир.
– Кога британскиот премиер Стармер вели дека рускиот претседател Путин е единствениот кој е против преговорите, тој треба да се сети на (поранешниот британски премиер Борис) Џонсон. Треба да се потсети на оние во Германија и Франција кои ги потпишаа договорите (Минските договори ), а потоа, неколку години подоцна, признаа дека никогаш немале намера да ги спроведат, иако тие беа одобрени од Советот за безбедност на ОН, рече шефот на руската дипломатија.




