Русија има докази дека е одржан „состанок“ на украинските воени лидери со западните колеги во објект во Суми, кој беше погоден од руски ракетен напад, изјави денеска рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Tој во интервју за Комерсант рече дека Русија „има информации за тоа кој бил во објектот што беше погоден во Суми“, пренесе ТАСС.
-Имаше уште една „средба“ на украинските воени лидери со нивните западни колеги, кои се маскираа во платеници или не знам кои. Војниците на НАТО се таму и тие беа директно одговорни, рече Лавров.
Рускиот министер изјави дека „ова го знаат сите“.
„Њујорк тајмс неодамна објасни како Американците одиграле одлучувачка улога во нападите врз Русија (од Украина) од самиот почеток. Без таа улога, повеќето од ракетите со долг дострел воопшто немаше да ги напуштат своите бази“, рече Лавров.
Руското Министерство за одбрана претходно соопшти дека вчера биле извршени ракетни напади со балистичкиот ракетен систем Искандер на локацијата на состанокот на командниот штаб на вооружените сили на Украина во градот Суми.
Како што соопшти претходно денеска украинската регионална воена управа во градот Суми, бројот на убиени Украинци во вчерашниот руски напад врз градот се искачи на 34, меѓу кои две деца, додека 120 лица, од кои 15 деца, се ранети.
Руските сили извршија напад врз центарот на Суми во неделата користејќи две балистички ракети, напад што го осудија западните претставници, вклучително и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и американскиот претставник Кит Келог.